Зеленски со критики кон Западот: Во војна се гледа кој е лицемерен

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот во канадскиот парламент остро го критикуваше Западот дека одбил да воспостави забрана за летање над неговата земја со цел да собори руски воени авиони.

Појавувајќи се пред канадските пратеници преку видео врска, Зеленски упати укор за одбивањето на Западот да воспостави зона на забранети летови над Украина или да ја снабди земјата со воени авиони.

„Војната секогаш открива сè на што луѓето се способни. Кој е силен, а кој слаб. Кој е мудар, а кој не го гледа очигледното. Кој е чесен, а кој лицемер“, рече претседателот во емотивното обраќање.

„Стоп за бомбардирањето. Уште колку проектили треба да паднат врз нашите градови? И како одговор слушате дека некој не сака да го направи тоа“.

Зеленски апелираше до канадскиот премиер Џастин Трудо да го искористи своето „влијание“ со цел да воспостави зона на забранети летови, што имплицира дека борбените авиони на НАТО ќе мора да соборат руски авиони во украинскиот воздушен простор.

Претседателот, исто така, го критикуваше одбивањето на НАТО да ја направи Украина членка.

„Тие зборуваат за ескалација. Што може да се влоши повеќе? Тие велат дека Украина не е во НАТО сега. Иако „вратата е отворена“. Но, за кого се овие врати и каде водат, ако ни кажат дека нема да не примат?“

НАТО досега одбиваше да воведе зона на забранети летови, стравувајќи од директен воен конфликт со Русија. По говорот на Зеленски, канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли за оната на забранети летови рече дека тоа е  „црвена линија што не можеме да ја поминеме“.
Таа подоцна изјави дека планот на Канада да ја запре руската офанзива во Украина е „повеќе санкции и повеќе оружје“.