
Русија уништила подземно сладиште со ракети и авионска муниција користејќи хиперсонични ракети, соопшти во саботата портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков, истовремено презентирајќи снимка од уништување на група американски возила на украинските диверзанти.
Конашенков потврди дека во подземното складиште се наоѓале „ракети и авионска муниција на украинските сили“.
Русија првпат споменува дека во она што го нарекува „специјална воена операција“ во Украина користела хиперсонични ракети. Станува збор за балистички проектили кои можат да летаат во горниот дел од атмосферата најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот.
Според руската армија, ракетниот систем „Кинџал“, кој бил користен во споменатиот напад, е способен да гаѓа цели на оддалеченост од повеќе од 2.000 километри и може да ги надмине постојните системи на противвоздушна и противракетна одбрана.
Истовремено во саботата руското министерство за одбрана објави видео снимено од беспилотно летало од уништување на група возила од американско производство „Humvee“ кои ги користеле украинските разузнавачко-диверзантски единици кои треба да дејствуваат зад непријателските линии.
„Видеото прикажува удар врз разузнавачко-доверзантска група на вооружените сили на Украина, која врши операција на извидување и пребарување со четири воени теренески возила…“, стои во описот на руското министерство за одбрана.
Понатака во информацијата се додава дека групата била уништена со користење високопрецизно ракетно оружје.