
Следејќи ги катастрофалните состојби на сите нивоа во државата така и во образованието се случуваат нови порази. Насекаде се предлагаат мерки за олабавување на рестрикциите поради корона кризата, но студентите се уште посетуваат онлајн настава, имаат онлајн вежби и полагаат онлајн испити, истакна во неделата Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева посочи на загрижувачката ситуација во која некои студенти ќе завршат три години студии години, што значи дека ќе се стекнат со диплома без ниту еден ден настава во живо, без развој на односот помеѓу професор, асистент или колега.
„Исто така, постојат исклучоци односно нема унифицираност на наставата затоа што неколку средни училишта продолжиле со онлајн настава, иако сите други работат со физичко присуство. Министерот за образование е должен да одговори која е причината зошто има вакви исклучоци“, рече претставнилчката на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде и дека од министерството треба да одговорат дали го следат незаконското постапување на Државниот испитен центар и зошто молчат кога веќе неколку месеци не се организираат испитите за назначување на рсководни кадри во образованието.
„Дали повторно со ваквиот однос се докажува дека за оваа власт политиката е длабоко вкоренета во образованието“, праша Митева.
Спроед неа, потврда дека образованието е на последно место на приоритетите на актуелната Влада е фактот што Шангајската листа каде најстариот и најголемиот унивезитет во земјата „Свети Кирил и Методиј“ се најде на 1.944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. Со тоа скопскиот универзитет на спомнатата листа, додаде Митева, е далеку зад универзитетите од регионот.
„Што се случува, има ли УКИМ воопшто ректор и ќе понесе ли некој одговорност? Образованието е столб на државата и образованието е тоа кое обезбедува просперитет. За жал на оваа влада на СДСМ И ДУИ тоа ништо не им значи, низата на лоши политики во образованието никако да запре“, заклучи Митева.