
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред италијанскиот парламент преку видео врска, во неговото последно обраќање пред националните собранија ширум светот.
Тој им кажа на италијанските пратеници дека неговата земја е на работ да ја преживее војната со Русија и предупреди дека Москва сака да се пробие до остатокот од Европа, пренесува новинската агенција Ројтерс.
„За руските војници Украина е портата на Европа, каде што сакаат да упаднат, но не смее да се дозволи варварството да помине“, рече тој.
Тој го повтори својот апел упатен во претходните обраќања за повеќе санкции за Русија.
Италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека неговата земја сака да ја види Украина во ЕУ и дека мора да и понуди воена помош на земјата за да ги запре масакрите.