
Утре почнува редовната авиолинија Софија-Скопје.
Првиот лет ќе се реализира во 05.30 часот кога на Меѓународниот аеродром Скопје треба да пристигне авионот на компанијата „Гуливер“.
Авионското поврзување меѓу Скопје и Софија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во земјава.
Симболично, првиот лет со кој се возобнови авиолинијата беше реализиран на 11-ти минатиот месец. Со него од Софија во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и неговиот бугарски колега Николај Сабев. Целта е Македонија и Бугарија подобро да се поврзат. Двете земји имаат потпишано Договор за добрососедство, со кој треба да се унапреди соработката во повеќе области.