
Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, основан со силно политичко влијание и моќ од почетокот со работа до денес се поврзува со бројни незаконитости и злоупотреби кои ги надминуваат прекршочните санкции од Законот за високото образование. Политичката гарнитура на власт преку овој универзитет и неговото функционирање врши континуирано „силување“ на законските одредби поврзани со вршење на високообразовната дејност. Затоа, слободно може да се каже дека постои сомневање, дека на сцена на овој универзитет треба да застанат МВР, Финансова полиција, Управата за јавни приходи – еве по допрен глас од ова мое пишување! Тоа е нивна законска обврска!!!
Но, да почнам од почеток, од суштината на темата. Деновиве јавноста е информирана дека за нов Ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“во Скопје е поставен академикот Изет Зеќири кој доаѓа на местото на Азиз Положани, кој беше на таа функција од самото формирање на институцијата. Зеќири е доктор на економски науки, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, а две години беше декан на Факултетот за бизнис и економија. Беше пратеник во Парламентот, а од 2015 година е член на Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ.
Веднаш може да се забележи дека новиот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје е поставен на седница на „Сенатска управа на политичката партија ДУИ“, најверојатно од „претседателот на Сенатот – Али Ахмети“. Подобро проверен кадар од Зеќири ДУИ не можел да предложи во партиските тела, а на штета на Законот за високото образование. И тоа пред очите на актуелниот премиер Ковачевски, кој во слободно време е и професор на Американ универзитетот во Скопје (за кого разбравме дека докторирал преку логистика од нивни пријатели во Црна Гора, во време кога неговиот татко не бил амбасадор на Македонија во Црна Гога, но бил вршител на должноста амбасадор. Свесни сте дека Ковачевски сака при здрав памет будали да не прогласат!!!), пред очите на Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој кога сака е професор во универзитетот во Струга (на Мерко), а во слободно време министер за образование (за кого според објавените податоци разбравме дека за доцент е избран една година пред да му се нострифицира докторската. Значи нивниот Наставно-научен совет бил многу инвентивен и свртен кон иднината), пред очите на вицепремиерката Грковска, која од пратеник, заврши како службеник во МВР, а од таму во Влада, пред Државниот просветен инспекторат, пред очите на т.н. Агенција за квалитет на високото образование и пред очите на целокупната македонска јавност која ќе ги казни за овие злоупотреби многу брзо!
Првото прашање кое го поставувам е дали новиот ректор Зеќири бил вработен на Универзитетот „Мајка Тереза“во Скопје во моментот на назначување на новата позиција?
Второто прашање е: дали е испочитуван член 97 став 3 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Ректорот се избира од редот на редовните професори со објавување на јавен оглас?
Третото прашање е: дали е испочитуван член 97 став 5 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Ректорот се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците.
Четвртото прашње е дали е испочитуван член 97 став 6 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Сенатот формира универзитетска изборна комисија составена од седум сенатори, која:
1. ја цени исполнетоста на условите за избор на ректор и уредноста на пријавата
2. ја утврдува листата на кандидати на ректор
3. ги сумира резултатите од гласањето за избор на ректор.
Петтото прашње е дали е испочитуван член 97 став 8 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Наставно-научниот, научниот или наставничкиот совет на единицата избира петчлена комисија која го спроведува гласањето на единицата на универзитетот. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на процесот на гласање на секоја едница на универзитетот.
Шестото прашање е дали е испочитуван член 97 став 9 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Гласањето за ректор се спроведува во ист ден во периодот од 12 до 14 часот на сите единици на универзитетот.
Седмото прашње е дали е испочитуван член 97 став10 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: По завршувањето на гласањето се пристапува кон утврдување на резултатите од гласањето, при што освоениот број гласови на секој кандидат на секоја единица посебно, се изразува во проценти од вкупниот број важечки гласови на единицата и се множи со бројот на сенаторите кои ги избира единицата, со што се добива бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите.
Осмото прашње е дали е испочитуван член 97 став 11 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Резултатите од гласањето се испраќаат до универзитетската изборна комисија во рок од два часа од завршувањето на гласањето.
Деветтото прашње е дали е испочитуван член 97 став12 од Законот за високото образование во случајот на Зеќири: Универзитетската изборна комисија ги сумира резултатите од гласањето на сите единици на универзитетот, при што за ректор е избран кандидатот кој добил најголем број поени на ниво на универзитет, односно чиј збир на поени е најголем откако за секој кандидат поединечно ќе се соберат поените кои ги добил на секоја единица посебно.
Има уште многу прашања, но кој ќе ги даде одговорите? Дали мислите дека институциите на системот се способни за тоа? Никогаш нема да го истражат овој процес, затоа што со нивното прикривање тие дозволуваат вакви образовни криминални состојби. Единствено може народот да ги казни на предвремени избори. Едно ќе заклучиме сите заедно: Универзиетот „Мајка Тереза“ – Скопје стана трговско друштво, а не високообразовна установа, на чие чело има директор, а не ректор. Срамота!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес