
Шпанците почнаа да купуваат помалку и да штедат поради растот на цените во продавниците во услови на растечка инфлација, штрајкови и ситуацијата околу Украина, пишува во четвртокот тиражниот мадридски дневен весник El Pais, повикувајќи се на податоците од асоцијацијата на производителите и дистрибутерите Aecoc и консултантската компанија Kantar.
Според податоците коишто ги собрале во Aecoc, 34 отсто од потрошувачите во Шпанија „ги бараат по продавнците продуктите по најниските цени, а 15 отсто се принудени да одат на екстремни чекори – да купат помалку“.
„Многу се трудам да штедам. Точно, ако порано можев да заштедам околу 100 евра од мојата плата, сега нема што да ставам на сметката“, цитира весникот жителка на градот Луго, во покраината Галиција, Марија дел Кармен Бареиро која живее со две деца.
Истакнала дека сега е присилена да заменува одредени продукти со други, помалку квалитетни и по пониски цени.
Според консултантската компанија Kantar, две седмици пред почетокот на руската офанзива во Украина, цените на стоките за широка потрошувачката пораснале за 5 отсто во сите трговски сектори. Притоа, поради стравувањата на потрошувачите дека е можно снемување на одредени продукти, како и поради бранот штрајкови што ја зафати Шпанија, потрошувачката се зголемила за 13 отсто.
Според пресметките на El Pais, од 6-ти март растителното масло за јадење поскапело за 303 отсто во однос на претходната 2021 година, тестенините поскапеле за 183 отсто, оризот за 181 отсто, а млекото за 145 отсто.
Друга интервјуирана од весникот жителка на Шпанија, Конча Ерера, вели дека месото и рибата „станале луксуз“, што таа сега не може да си го дозволи.
Претходно седмицава шпанскиот Национален статистички институт објави дека мартоваската стапка на инфлацијата на годишно ниво од 9,8 отсто ќе биде највисоката во последните 37 години.
Се проценува дека цените во март 2022 година пораснале за 9,8 отсто во однос на ланската година, што е највисокото ниво од мај 1985 година. Во февраури годинава инфлацијата во Шпанија беше на нивото од 7,6 отсто. Зголемувањето на цените е забележано во повеќе сектори, но најмногу поскапувања има кај струјата, автомобилските горива, храната и безалкохолните пијалаци.
Покрај тоа, 14-ти март вработените во шпанскиот транспортен сектор започнаа штрајк на неопределено време, што доведува и до прекин во синџирите за снабдување ширум земјата.
Според аналитичарите, новиот бран жестоки санкции наметната на Русија поради војната во Украина, што повлече повлекување на големите компании од рускиот пазар но и затворање на тамошните производствени капацитети доведува до недостиг од голем број производи.
Портпаролот на Светската програма за храна при ОН, Томсон Пири, оцени дека случувањата во Украина може да доведат до повисоки цени на храната и глад во светот, особено во сиромашните и земјите во развој, бидејќи Украина и Русија се најголемите производители и извозници на житарки во светот. Американскиот претседател Џо Бајден, од своја страна, рече дека е реална можноста од глобален недостиг на храна поради украинската криза и санкциите.