
Изгледаше дека нема да биде дебакл како минатата пролет, кога Веспрем ги реши прашањата исто така на првиот меч во Скопје, со 41-27. Вардар почна подобро со водство од 4-2 по 10 минути игра, кое успеа да го одржува, дури и да го надгради до 6-3. Меѓутоа, Родриго Коралес се „разбуди“, нанижа шест одбрани и беше главен фактор што Веспрем го сврте резултатот.
Поведе со 10-9 во 24. минута, а потоа на паузата замина со веќе огромни 15-11. Крајот на првото полувреме, всушност, беше почеток на крајот, бидејкќи во второто ништо подобро не му се пишуваше на македонскиот првак. Набргу дојде еден страшен пад во нападот на Вардар, со 13-минутен голгетерски молк, во кој Веспрем направи серија од 5-0, а потоа и 8-1 за да дојде до максималните 23-13 во 46. минута.
Коралес го заврши мечот со 17 одбрани, Цупара одбрани три пенали и беа одлична поддршка за Нилсон со осум гола и за Ненадиќ со шест. Толку имаа и најдобрите голгетери на Вардар, Тимур Дибиров и Филип Талески. Реваншот во Веспрем е на 6 април.
Извор и фото: Спорт1.мк