
Германскиот канцелар Олаф Шолц, се придружи на тврдењата на западните функционери и изрази сомневање дека советниците целосно го информираат рускиот претедател Владимир Путин за ситуацијата во Украина, чија работа на должноста ја одобруваат 79 отсто од Русите.
Шолц наведува во германски политички поткаст кој ќе биде објавен во неделата дека е убеден оти „рускиот претседател не е добро информиран“ и дека „неговите служби сокриваат многу нешта од него. На пример, колку руски војници загинале во оваа војна“, пренесува германската новинска агенција DPA.
Претходно слична изјава имаше и челникот на британската разузнавачка агенција GCHQ кој во четвртокот рече дека наводно советниците на Путин се „плашат да му ја кажат вистината“. Повеќе американски функционери, исто така, во четвртокот во оваа нова синхронизирана кампања на Западот изнесоа слични коментари, повикувајќе се на сопствените разузнавачки податоци.
Без оглед на тоа, продолжува Шолц, Кремљ би требало да биде свесен за димензиите на својата погрешна процена по прашањато на Украина.
„Путин почувстувал дека руската војска го излажала, што предизвикало тензии меѓу челниците во Кремљ и воениот врв“, тврди Шолц.
Германскиот канцелар истакнува дека Русија не може да излезе како победник, без оглед на тоа како судирот ќе заврши.
„Оваа војна не ја уништува само Украина, туку и руската иднина“, вели Шолц додавајќи дека без мировно решение Русија „нема да може да се врати дури ниту на умерен економски раст“.
Истовремено во петокот во Москва институтот ВЦИОМ ги објави резултатите од анкетата спроведена од 21-ви до 27-ми март, според кои 79 отсто од испитаниците во Русија изјавиле дека „ја одобруваат“ работата на Путин како шеф на државата, додека 13,5 отсто „не ја одобруваат“. Истовремено 81 отсто од анкетираните 1.600 полнолетни Руси имаат доверба во Путин, додека 15,4 отсто немаат доверба во претседателот.