Милошоски: Ако сакале имале начини да ги внесат сите податоци за 132.000 неизјаснети, пописот е некомплетен

„За ВМРО-ДПМНЕ овој попис не ужива доверба и податоците ги сметаме за некомплетни. Во однос на тие 132 илјади непопишани, во однос на селективно попишани во дијаспора, во однос на менување на бројки кај атеисти во рок од една недела, како слаба обученост кај попишувачите во однос на религија и вероисповед и некои нелогичности, изјави Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за „Само интервју“ на Канал 5.

-Ако имаме податоци во кои 1 или 2% од населението не се изјасниле лично за нивната припадност, тогаш може да кажете дека е во делот на некоја статистичка грешка. Но, кога има отприлика 7% или 132.000 граѓани кои не се изјасниле по национална, верска, јазична основа и можеби други податоци, тогаш навистина пописот не може да се смета за комплетен, истакна Милошоски.

Тој посочи дека ако некој е вработен во Државен завод за статистика и не се попишал, тој како вработен таму има лично и на своја волја потпишано формулар за своето образование и за својата национална припадност. За него има податоци и во МВР и во управа за матични книги. Ако сакале, од статистика можеле да ги добијат тие податоци или можеле да почекаат уште некој месец да најдат соодветен начин да ги обработат.

Според Милошоски, очигледно е дека на пописот повеќе сакаа да му дадат тон на политичка операција, па дури и ова да биде тема, затоа што власта нема добри теми во економија, образование и со тоа да биде јаболко на раздор.

„Пописот има и поразителни факти на ниво на Македонија. Земете ја општина Кичево каде во 2002 година живееле 30.000 Албанци, а денес се 16.500, живееле 20.000 Македонци, денес се 16.100, а 2.000 се неизјаснети. Тоа значи дека откако е ДУИ на власт најмногу Албанци се иселиле од Кичево и денес се жители на Швајцарија, Германија или некоја друга држава. И тоа не успех ниту за власта ниту за државата“, вели тој.