Украина очекува во јуни да добие кандидатски статус за членство во ЕУ

Украинската вицепремиерка задолжена за европска и евроатлантска интеграција, Олга Стефанишина, изјави во саботата дека очекува Украина во јуни да добие кандидатски статус за членство во ЕУ.

Стефанишина истакна дека нејзината земја е подготвена брзо да продолжи со својата кандидатура за членство во ЕУ.

Нејзините изјави доаѓаат еден ден откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен вети брз одговор на барањето на Украина за членство во Унијата.

На заедничката прес-конференција со Владимир Зеленски, фон дер Лејен му врачи на украинскиот претседател прашалник кој ќе претставува почетна точка за одлука за членство.

„Тоа нема да биде, како и обично, прашање на години да се формира ова мислење, туку мислам дека ќе биде прашање на недели. Почитуван Володимир, мојата денешн порака е јасна: Украина припаѓа на европското семејство. Го слушнавме вашето барање, гласно и јасно“, додаде фон дер Лејен.

Зеленски нагласи дека ќе се врати со одговори за една недела.