
Инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 отсто. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени, на кои отпаѓа повеќе од три четвртини од растот.
Ова го заклучи Народната банка на вчерашната редовна седница на Комитетот. Како што соопштуваат од НБРМ, имајќи предвид дека овие фактори се влезен инпут кај повеќе производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет.
„Заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните, ова придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период“, се вели во соопштението.
Во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4%, што е во рамки на очекувањата од октомвриската проекција (3,9%).
„Воената ескалација меѓу Русија и Украина, која има неповолни ефекти врз глобалната економија и дополнително ги влоши веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, а влијае и врз довербата на економските субјекти, неповолно делува на економските изгледи и за домашната економија“, констатира НБРМ.
На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари.