
На нула ќе бидат сведени трошоците за мебел и за возила и ќе има реструктуирање внатре во ресорите, каде нема доволна реализација на проекти, со цел да се финансираат новите потреби. Јавниот долг и дефицитот на буџетот ќе бидат поголемени од планираните, па затоа ќе мора наскоро да се оди на ребаланс на државниот буџет.
Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими, кој најави дека во мај или во јуни веројатно ќе се расправа за ребаланс. На денешниот економски форум „Заматен поглед нанапред: Многубројни неизвесности ги поткопуваат економските изгледи?” што го организира „фајненс тинк“, Бесими рече дека тоа е неизбежно, за да може со политиките да се реагира соодветно и навремено.
„Тоа е исто како со антибиотикот – ако не го дадеш на време и во точна количина или ако не се доволни дозите, тоа ќе создаде пореметување на организмот. И тоа е за нас предизвик“, изјави тој.
Во кризни ситуации, според Бесими, најважен е обемот и времето на мерките, како и е обезбедувањето на доволно енергенси и храна, со цел да се стабилизираат цените и да се одржи ликвидноста на стопанството.
„Покрај долгорочните мерки, мора да имаме и бафери кои ќе реагираат и на краток рок. Во конкретниот случај, зборуваме за јавен долг од 60 проценти кој оваа година ќе достигне 63,5 проценти, а потоа постепено ќе се намалува и во 2026 ќе биде под 60 проценти. Исто е и со дефицитот на буџетот Почнавме во 2021 година со консолидација и од 8,1 процент успеавме да завршиме на 5,4 проценти. Годинава планиравме дефицит од 4,3 проценти и наредна година да го намалиме, но очигледно дека со ребалансот што го спремаме, ќе одиме со поголем дефицит“, рече Бесими.