
Претседателот на СОНК Јаким Неделков се осврна на замолницата која денеска кон штрајкувачите во образованието ја упати министерот за образование Јетон Шаќири кој побара прекин на генералниот штрајк во интерес на учениците и продолжување на преговорите за зголемување на платата на просветните работници.
-Сите тежнееме во овој момент кон иста цел, само патиштата по кои се движиме се различни. Целта ни е што поскоро учениците да се вратат во училишните клупи и децата во градинките, но патиштата се различни. Треба некаде да се вкрстат и најдеме заедничко прифатливо решение за штрајкот да го прекинеме, дециден е лидерот на СОНК Неделков.
Тој се осврна на поддршката која ја добиваат штрајкувачите од СОНК и за приклучвањето на повеќе училишта откако е започнат штрајкот, но и на притисоците кои ги имаат штрајкувачите пред се од некои директори.
-Штрајкот се повеќе добива во интензинет. Вработени кои не биле членови на нашиот синдикат или воопшто на синдикат се приклучуваат и затоа сме уверени дека водиме битка за интерес на членството. Задоволни сме од односот на директорите и другите надлежни во основните и средните училишта во однос на штрајкот, но тоа не е случај и со детските градинки каде има големи притисоци, рече Неделков за заканите кои ги добиваат штрајкувачите во градинките.
-Ги затвораат по 8 часа во мали простории во градинките. Не им дозволуваат да излезат на воздух, по храна или во тоалет, дури и на бремени жени. Вака не се гради взаемна доверба и не се доаѓа до решение. Овие директорки ако мислат дека цел живот ќе бидат директорки ова е за кривични пријави и не отстапуваме од тоа. Толку е силен мобингот врз колешките од градинките што не молат да не ги спомнуваме имињата на овие градинки за да го заштитиме идентитетот на овие вработени. Надлежните да извршат контрола во текот на штрајкот, вели Неделков и додаде дека вакви притисоци во основните и средните училишта не постои.
За можноста штрајкот да се прекине, како што бараат МОН и МТСП, Неделков истакна дека тоа е одлука на членството кога ќе добијат предлог за зголемување на платите.
-Без прифатлив предлог од МОН и МТСП не може да се прекине штрајкот. Секој предлог ќе оди на изјаснување пред членството. Ако 50 проценти плус еден глас се изјаснат дека е прифатливо како чекор кон подобрување на социјалниот дијалог, но ако нема 50 проценти нема да прифатиме прекин на штрајкот. Нека дадат процент, нека биде 18,4 отсто или друг процент. Ние мора да имаме предлог од нивна страна, да понудат нешто реално. Ако нема не можеме да го прекинеме. Секој предлог ќе оди на изјаснување кај членството. Сакаме да заврши оваа агонија заради ученциите, заради родителите. Заради замолницата од министерот за образование. Но треба Советот на СОНК и синдикалните организации да расправаат во текот на викендот. Ние можеме да штрајкуваме и повеќе од една недела, но тоа не ни е целта, рече Неделков.