
Многу често знаеме да кажеме дека образованието е столбот на државата, но континуирано гледаме како власта предводена од СДСМ изминативе години го руши тој столб, образованието е потребно да има еден континуиран развоен процес, но ние гледаме дека ресорот образование станува ресор на експерименти, кажа Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ при отворањето на дискусијата на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ под наслов „Повисоки плати за просветниот кадар“.
Во однос со проблемот со платите на просветните работници, кој е главен проблем во образованието, а за што е и штрајкот на СОНК, Митева запраша:
„Ако сме сведоци дека платата на професорите е пониска од просечната плата, ако сме сведоци дека ние континуирано инвестираме во кадар кој што постојано ни завршува во некој други земји каде што таму го даваат својот интелект и придонесуваат за развој на нивните држави, тогаш кое е решението, затоа што со зголемувањето на минималната плата, тоа е решение кое што отвори 100 нови проблеми, и тоа е систем кој континуирано се враќа и се врти во круг“, рече Митева
Обрати внимание и на притисоците со кои се соочуваат наставниците при штрајкот, посочувајќи на пораките со заплашувачка содржина кои осамнаа на еден објект во општина Ѓорче Петров, со исписи – „СОНК убијци“ што е само пример како власта сака да ги заплаши наставниците.