
Информација дека кај селото Алдинци било украдено масло од марихуана во вредност од 2 милиони евра, објави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Станува збор за фирмата „5 летерс“, на која и е одземена лиценцата за производство на марихуана. Пред да и се одземе лиценцата, од истата фирма беа украдени 60 килограми марихуана, а при увид беше пронајдена и непријавена количина канабис. Во случајот, управителот на „5 летерс“ беше еден од тројцата обвинети за кражбата на марихуана.
За фирмата во тек е стечајна постапка.
Според тогашните информации 93% од сопствеништвото на фирмата е на американски инвеститор, додека 7% има Зоран Јаневски, пријател на поранешниот премиер Зоран Заев и член на СДСМ.
Според извори на Нетпрес, најновата кражба во „5 летерс“ се случила на 18 април во периодот од 18.30 до 06.30 следниот ден. Украдени се 108 шишиња со масло од канабис, од кои дури 93 шишиња со по 1.000 мл, а другите помеѓу 500-1.000 мл. Вкупната вредност се проценува на околу 5 милиони долари, а МВР официјално во записник кражбата на маслото ја проценила на околу 2 милиони евра.
Интересно е тоа што, иако кражбата била извршена во периодот од 18.30-06.30, таа во полиција била пријавена дури во 11.30 односно 5 часа подоцна, дознава Нетпрес.
Се поставува и прашање како е можно да се случи кражба кога објектот е со силна заштитна ограда и физичко обезбедување, има околу 150 видео камери, аларм, а маслото се чува во специјален сеф до кој се доаѓа преку посебен коридор. Обезбедувањето на објектот го врши НИКОБ.
Две недели пред да бидат украдени 60 килограми марихуана во „5 летерс“, од компанијата „Херб индустри“ во валандовското село Јосифово спектакуларно беа украдени два тона марихуана.
Во тој случај полицијата успеа да пронајде само 231 килограм од украдената марихуана во претреси во Арачиново, а другиот дел, според МВР, завршил во Косово. Уапсени беа шест лица.