„Лидл“ заинтересиран да гради маркет во Кисела Вода

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денес оствари работна средба со претставниците на „Лидл” од претставништвата во Бугарија и во Македонија. Заинтересирани за достапни локации каде би можеле да се отворат маркети и регионален дистрибутивен центар, потенцијалните инвеститори од градоначалникот ги добија информациите околу можностите и потенцијалите на општина Кисела Вода.

-Денес имавме конструктивна средба со претставниците на „Лидл” од претставништвата во Бугарија и во Македонија, кои пројавија интерес за инвестирање во општина Кисела Вода. Подискутиравме околу достапните локации на кои би можеле да се отворат маркети, но и регонален дистрибутивен центар на германскиот гигант кој е присутен секаде во нашето соседство, освен во Македонија. На овој работен состанок им ги презентиравме погодностите на општина Кисела Вода, како средина која има добра местоположба и развој кој одговара на потребите на оваа компанија“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека оваа инвестиција би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број лица, со плати над просечните во Македонија.