Арсенал го доби дербито со Манчестер Јунајтед

Фудбалерите на лондонски Арсенал избија на четвртото место на табелата на англиското фудбалско првенство откако во саботата во дербито од 34-то коло со 3:1 го совладаа директниот конкурент Манчестер Јунајтед.

Арсенал поведе веќе во 3 минута кога Нуњо Тавареш ги искористи почетничките грешки на Алекс Телес и Варан во гостинската одбрана. Водството на домашните го удвои Букајо Сака во 32 минута од пенал кој самиот го избори по прекршкот на Телес, но само две минути подоцна, Кристијано Роналдо намали на 1:2 по нафрлувањето на Немања Матиќ,

Се чини клучниот момент на мечот се одигра во 57 минута кога Бруно Фернандеш не реализираше најстрога казна и наместо да израмни на 2:2 ја погоди стативата. Казната за ова промашување дојде во 70 минута кога Гранит Џака погоди од 20-ина метри за конечните 3:1 за Арсенал.

Сега четвртопласираниот Арсенал има 60 бодови, два помалку со два натпревара повеќе од третопласираниот Челзи, а три повеќе со меч повеќе од петтиот Тотенхем, додека Манчестер Јунајтед остана шести со 54 бодови.

На врвот и натаму е Манчестер Сити со 77 бодови, еден повеќе од второпласираниот Ливерпул.