
Првиот квартал од годинава, „Витаминка“ како компанија покажа одговорност поради економската криза и ја здржа цената на ниско ниво долг временски период.
„Претходната цена на ‘Брилијант’ беше 125 денари за литар, со што внимаваме и важно ни е да нема големи ценовни скокови кон граѓаните. Но, изминативе недели ситуацијата се смени во однос на набавката на суровина од Бугарија и Украина, што останаа единствени алтернативни пазари за нас. Нерафинираното масло од овие пазари е со значително повисока цена што се одрази и врз малопродажната цена на маслото“, велат од „Витаминка“.
И покрај зголемувањето, уверуваат од компанијата, цената на маслото за јадење „Брилијант“ е најниска од сите производители на масло на македонскиот пазар.
„Истовремено, компанијата доследно ги почитува препораките и се раководи според насоките на Владата за справување со економската криза“, се наведува во соопштението за јавноста.
Се појасувани и дека новото сурово масло кое е набавено од Бугарија, Романија и Украина, чини околу 2.200 евра за еден тон, а пред три до два месеца цената се движеше од 1.200 до 1.500 евра за тон. Малопродажната цена на маслото, што е берзански производ, зависи од движењата на цените на светските берзи.
Поради увозот од Србија, кризата со маслото за јадење се смирува и нема потреба граѓаните да прават залихи, додаваат од „Витаминка“.
Претходно во четвртокот беше објавено дека „Брилијант“ ја зголеми цената на маслото за јадење на 135 денари, и оти со ова поскапување ја израмни цената на овој важен прехранбен продукт со онаа на другите македонски производители.