
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман синоќа пред неформалниот состанок на НАТО во Берлин истакна дека Алијансата треба посилно да се ангажира во Западен Балкан.
-Ќе ја нагласам потребата од посилен ангажман на НАТО во Југоисточна Европа и Западен Балкан кога станува збор за демократијата и сите други реформски процеси во тие земји, со цел да се охрабрат земјите во нивните напори да влезат во НАТО, истакна Грлиќ Радман.
Тој се осврна на кризата во Босна и Херцеговина и потребата од промена на изборниот закон, што треба „да го одрази усвојувањето на тие важни измени кои ќе ја регулираат еднаквоста на трите конститутивни народи во согласност со Дејтонскиот и Парискиот договор“.
-Само институционално функционална Босна и Херцеговина заснована на овие основи на еднаквост на трите конститутивни народи и другите граѓани може да биде просперитетна и може да постигне европска перспектива и членство во НАТО, посочи Грлиќ Радман.