Судири во Либија по именувањето на новиот премиер

Во либиската престолнина Триполи избувнаа судири во вторникот откако новиот премиер кој го постави парламентот, Фати Башанга, се обиде да ја преземе својата должност од ривалската влада којашто одбива да ја предаде власта.

Репортерот на Reuters во Триполи известува дека се слушале истрели, а локалната телевизија al-Hadath објави снимки кои прикажуваат, како што е наведено во прилогот, судири во центарот на градот и во градското пристаниште.

Судирите започнале откако Башага во текот на изминатата ноќ пристигнал во градот. Неговиот кабинет соопшти дека своите должности ќе ги извршува во главниот град, за по неколку часа да објави дека тој го напуштил Триполи.

Башага беше именуван во март, што доведе до судири на двете ривалски влади кои тврдат дека полагаат право на власта во Либија. Двете страни имаа поддршка на вооружени фракции во Триполи и во западна Либија, поради што се стравува дека период на привиден мир, кој траше речиси две години, би можел да биде прекинат.

Откако во 2011 година со интервенцијата на НАТО беше соборен либискиот водач Моамер ел-Гадафи, разорената од војната порано богата земја во 2014 година дефинитивно се подели меѓу источните и западните ривалски фракции, а се водеа и борби со џихадистичките групации, како на пример Исламската држава која се обиде да се вкорени во земјата. Во 2020 година меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи, која контролира помал дел од државата, и силите лојални на маршалот Калифа Хафтар, чие седиште е во Тобрук и контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња, договорија примирје со коешто е воспоставена кревка влада на единството.

Изборите требаше да се одржат во декември минатата 2021 година, но планот пропадна поради несогласувањата меѓу фракциите и главните кандидати околу изборните правила. Поради тоа парламентот, кој во текот на судирите застана на страната на источните фракции, одлучи да именува нова влада. Но премиерот на владата на единството Абдулхамид ал-Деиба ја отфрли одлуката на парламентот, велејќи дека неговата администрација сѐ уште е важечка и дека власта ќе ја предаде дури по изборите.