ВИДЕО| Се предале уште 700 украински војници блокирани во „Азовстал“

Речиси 700 украински борци, блокирани во утврдениот металуршки комбинат „Азовстал“ крај јужниот украински пристанишен град Мариупол се предале во изминатите 24 часа.

„Во Мариупол (…) милитантите на националистичката единица Азов и украинските војници продолжија со предавањето. Во текот на изминатото деноноќие 694 милитанти се предадоа, вклучително и 29 ранети“, изјави во средата на редовниот претпладневен брифинг во руското министерство за одбрана, портпаролот генерал-мајорт Игор Конашенков.

Прецизираше дека вкупно изминатите два дена оружјето го положиле 959 украински борци, од кои 80 се ранети. За 51 од нив било потребно болничко лекување, и тие се згрижени во воената болница во Новоазовск на територијата под контрола на проруските сепаратисти во Доњецк.

Во вторникот и руската и украинската страна објавија дека започнува, она што во Москва го нарекуваат „предавање“ а во Киев „евакуација“ на украинските борци од укрепената челичарница „Азовстал“ на влезот од Азовското Море, која беше последната позиција на украинските борци во стратешки важниот пристанишен град Мариупол. Во вторникот од утврдените подземни коридори излега 265 борци, од кои 51 тешко ранет.

Стотици украински борци и пред почетокот на „наредбата“ од Киев да се предадат од вторникот, во поголеми групи се предаваа. Заменичката на украинскиот министер за одбрана Ана Малиар изјви дека Киев знае колку војници сѐ уште се наоѓаат во фабричкиот круг, но дека не сака да ја открие таа бројка.

Според приближните процени на проруските сили, на територијата на огромниот фабрички комплекс во моментов има уште околу илјада украински борци, откако на почетокот од блокадата на „Азовстал“ двете страни соопштуваа дека 3.500 украински борци и странски платеници се утврдиле во челичарницата. Досега, според објавените информации, доброволно се предале над 1.500 припадници на поморската пешадија на украинските вооружени сили, а биле заробени повеќе групи странски платеници кои се обиделе да се извлечат од опкружувањето кон териториите под контрола на властите во Киев.

Украина објави дека сака да го размени своите борци за руските воени заробеници, но Русија сѐ уште не потврдува. Руските функционери истакнаа дека тоа нема да важи за припадниците на злогласниот баталјон „Азов“, составен од припадници на ултрадесничарското движење Десен сектор за кои во Москва велат дека се нацисти и воени злосторници. Рускиот Истражен комитет најави дека иследниците ќе ги сослушуваат предадените борци во рамките на истрагата за воени злосторства врз цивилното население во областа Донбас.

https://www.youtube.com/watch?v=_Fl3x_hbua4