Ковачевски го пофали „Никоб“ за вработувања, откако фирмата масовно подели откази

Премиерот Димитар Ковачевски денеска при посета на  ПЗУ НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб во рамки на Групацијата НИКОБ, ги пофали инвестициите на компанијата како значајни, бидејќи отвориле голем број на работни места.

Толку иронично, бидејќи кога тој зборува за нови вработувања во оваа групација, целата јавност периодов коментира како НИКОБ ЛАБ дрско остави на улица над 30 вработени, кои беа избркани без отказен рок.

Значи, премиерот јавно го поддржува работењето на компанијата и нејзиниот начин за „задржување“ на медицинскиот кадар во земјава, кој сѐ повеќе е дефицитарен и повеќе од потребен.

„Овие инвестиции се исто така значајни и нивната вредност е уште поголема со оглед на тоа што се случуваат во услови на сегашната економско-енергетска криза, а значат раст на бројот на работни места. Во таа насока, инвестицијата на оваа компанија ја гледаме и од аспект на отворање на нови, високо стручни работни места за наши сограѓани кои своите професионални ангажмани сега ги остваруваат во групација која има преку 2.600 вработени“, рече Ковачевски.

Посетата на Ковачевски беше по повод 25 години од основањето на НИКОБ обезбедување, пет години од основањето на Центарот за кеш услуги, една година од основањето на НИКОБ Медикал и една година од основањето на НИКОБ Лаб.