Јавниот сектор најавува генерален штрајк, со ребалансот ќе нема поголеми плати за 2.800 денари

Наместо зголемување на платите, вработените во јавниот сектор ќе добијат нова методологија за мерење на продуктивноста. Се чувствуваат изиграни. Револтирани се поради тоа што Владата со новиот ребаланс на буџетот, нема да го исполни ветеното линерално зголемување на платите од 2.800 денари и најавуваат генерален штрајк. Ќе остават простор уште неколку дена за да добијат покана за средба со Владата, а ако тоа не се случи, излегуваат на улица, објави Телма.

-Ова не е начин на комуникација. Незадоволство има огромно од ваквиот однос во 5 до 12 да се утврдува дека сега ќе правиме методологија и оценување, тоа само кажува колку Владата ги почитува вработените и работниците во земјава, вели Трпе Дејановски од УПОЗ.

Вчера министерот за финансии Бесими во својата нова колумна напиша дека е потребно да се креира нова сеопфатна методологија, со која ќе се прилагодуваат платите во јавниот сектор.

„Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства”, напиша Бесими.

Пред извесно време синдикатите побараа линеарно зголемување на сите плати во јавниот сектор поради растот на минималецот на 18 илјади денари, како и поради порастот на цените на производите и на енергенсите. Ако не ги добијат овие пари велат дека од септември ќе бараат зголемување на примањата до 18,4 отсто.