
Грчкиот министер за надворешни работи Нико Дендијас кажа дека пристапните преговорите на Европската унија со Македонија и со Албанија треба да почнат веднаш, на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи денеска во Скопје.
Дендијас вели дека единствениот пат за да се постигне мир, безбедност и стабилност на регионот е со јасна и целосна поддршка на европската перспектива на западниот Балкан.
Османи кажа дека економската соработка меѓу двете земји меѓу двете земји минатата година надмина 934 милиони евра, а оваа година треба да очекуваме меѓусебната размена да надмине една милијарда евра.
„Но поддршката од јужниот сосед, сепак не е доволна – статус кво во преговорите со Бугарија. Комуникација меѓу двете земји има, но не и решение на повидок. Дијалогот со Софија сепак продолжува“, оцени Османи.
За случувањата на бугарската политичка сцена и најавите дека владата на бугарскиот премиер Кирил Петков во секој момент може да падне, шефот на македонската дипломатија не сакаше да коментира.
Комуникацијата со Бугарија, рече Османи, се води од нашите позиции, за кои е оптимист дека ќе дадат позитивен резултат.
За време на тет а тет средбата констатирана е подготвеноста за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што обезбедува поблиско поврзување меѓу двете држави и двата народи. Ваквата соработка претставува модел за целиот регион, за тоа каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат отворените прашања меѓу два соседи. Во тој контекст, се разговараше за исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор, како и влијанието на договорот врз севкупниот развој на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Грција. Постигнатите резултати, беше нагласено, го надминуваат националното ниво и позитивно влијаат врз севкупните односи во регионот.
Соговорниците разменија ставови за најновите состојби во регионалната соработка, за војната во Украина, соработката во рамките на НАТО, како и ЕУ портфолиото на Македонија и останатите држави од регионот, меѓу другото и „поради фактот што Грција продолжува да биде силен лобист за македонската интеграција“ во ЕУ.
„Како НАТО сојузници ние имаме и обврска да се грижиме за регионалната стабилност и во оваа насока особено sum задоволен што имаме координиран пристап во интерес на регионот и на Европа”, истакна Османи, аргументирајќи дека стартот на преговорите со Македонија и Албанија претставува најдобриот начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока додаде „особено ме радува фактот што ја имаме целосната поддршка на Грција“.
Се разговараше и за економската соработка, енергетското поврзување, кое е клучно за обезбедување на диверзификација во снабдувањето со енергенси, брзото оспособување и отворање на граничниот премини Маркова Нога-Лемос и туризмот.
Посетата на министерот Дендијас е втора посета на грчкиот шеф на дипломатијата во помалку од една година, што говори за неговата посветеност за иднината на нашите билатерални односи и за европската перспектива на нашиот регион. Министрите ќе имаат прилика да продолжат со серијата средби на претстојниот самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа кој ќе се одржи во Солун на почетокот на јуни, како и за време на вториот Преспа форум за дијалог на кој ќе учествува и министерот Дендијас, кон средината на истиот месец во Охрид.