Блинкен: Кина е најголемиот долгорочен предизвик за меѓународниот светски поредок

И покрај моменталната инвазија на Русија во Украина, американската влада ја смета Кина за најголем и најсериозен долгорочен предизвика за меѓународниот светски поредок, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен во четвртокот во централното обраќање на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ за надворешната политика на САД, со фокус на Кина.

Во фрагментите од говорот на Блинкен, кои до медиумите ги испрати американскиот Стејт департмент, државниот секретар ја опишува Кина како главен предизвик за постојниот светски поредок, иако одделно ја споменува и Русија.

 

Зачувување на светскиот поредок

Вашингтон верува дека светскиот поредок кој постоел со децении се засновал на принципи коишто „гарантирале мир и просперитет“ во „повеќе од 75 години (…) осигуруваа напредок во светот“. САД сакаат да ја задржат таквата состојба, вели Блинкен.

Притоа, американските власти настојуваат да ја „создадат иднината кон којашто се стремат Американците и луѓето ширум светот“, а за тоа е неопходно „да се одбрани и реформира светскиот поредок“.

Како „сериозна и долгорочна“ закана за тој светски поредок, Блинкен ги наведува Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин. Американскиот државен секретар ја опишува руската инвазија во Украина како „напад врз принципите (…) вградени во Повелбата на Обединетите нации“.

Сепак, Блинкен тврди дека Кина е единствената земја којашто, освен што има намера да го преобликува меѓународниот светски поредок, има и сѐ поголема економска, дипломатска, воена и технолошка моќ тоа да го стори. Истакна дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден од почетокот заземала цврст став кон Кина, признавајќи дека Кина, како најголем конкурент на САД, зазема посебно место во американската надворешна политика.

Блинкен истакна дека Кина игра клучна улога во светската економија и во решенијата за проблемите како што се климатските промени или пандемијата на Covid-19. Тоа значи, според него, дека САД и Кина немаат поинаков избор освен да се занимаваат една со друга, што претставува еден од најсложените односи денеска во светот.

Ја потврди американската приврзаност на политиката на „една Кина“, додавајќи дека САД не ја поддржуваат независноста на Тајван, но и ја критикуваше кинеската „растечка присила“ над регионот.

„Имаме траен интерес за мир и стабилноста во Тајванскиот теснец. Ќе останеме доследни на Тајванскиот закон во односите за да му помогнеме на Тајван во одржувањето на доволна способност за самоодбрана“, рече Блинкен.

 

Интегрирано одвраќање

Сепак, САД предупредуваат дека не посакуваат нова Студена војна и поделба на светот на „тешки идеолошки блокови“. Вашингтон ниту се обидуваат да ја изолираат кинеската економија од остатокот од светот, но „нема да оди на компромиси со своите принципи“ заради соработка со Кина. САД сакаат Пекинг „да игра според истите правила како и сите земји“, вели Блинкен.

За да го остварат тоа, додава Блинкен, САД сакаат да ја користа стратегијата „интегрирано одвраќање“, вклучувајќи „сојузници и партнери“ во заеднички активности во нуклеарната, вселенската и информатичката сфера. Вашингтон е подготвен да ги зајакне директните контакти со Кина по редица прашања, првенствено користејќи дипломатска соработка, бидејќи „ривалството не треба да води до конфликт“.

Во секој случај, за зајакнување на сопствените позиции во следната деценија, Вашингтон сака да „инвестира во клучните компоненти на моќта“ на САД, вклучително и војската, како и „да се израмни, да се натпреварува“, вели шефот на американската дипломатија. Додаде дека Белата куќа ќе инвестира во системи коишто ќе „поседуваат поголем радиус на дејствување, потешки за пронаоѓање и полесни за разместување“.

Блинкен посочува дека Вашингтон не очекува дека Пекинг ќе го промени својот досегашен курс но оти нема намера директно да го измени, туку да создаде „стратешко опкружување“ околу Кина со цел да ја истакне сопствената „визија за отворен и инклузивен меѓународен систем“. САД имаат намера тоа да го направат заедно со други држави, зајакнувајќи го меѓународното право и институциите, заштитувајќи ги „индивидуалните и правата на суверените држави“.

 

Американскиот бизнис во служба на националната безбедност

САД немаат намера да ја попречуваат Кина да ја „развива својата економија или да ги унапредува интересите на својот народ“, бидејќи Пекинг веќе „претставува водечка сила (…) со градови од светска класа и мрежа за јавен транспорт, таму се сместени некои од водечките светски технолошки компании“, вели Блинкен.

Сепак, вели дипломатот, САД не очекуваат американските компании да ги жртвуваат „темелните вредности“ за да влеза на кинескиот пазар, туку „одговорно да растат“ и да работат на „зајакнувањето на националната безбедност…“ Блинкен притоа ја обвини Кина дека ја користи американската економија „за шпионажа, изведување кибернетички напади, кражба на технологии и ноу-хау знаења за да ги унапреди своите воени иновации“.

САД, исто така, не планираат да го трансформираат централизираниот политички систем на Кина. Наместо тоа, како што вели Блинкен, Вашингтон сака да докаже дека неговиот демократски систем, е поефективен, верувајќи дека САД ги има „сите шанси да ја надмине Кина во конкурентската борба во клучните области“.