
Илјадници израелски Евреи ќе го одржат во неделата маршот низ муслиманските области на ерусалимскиот Стар град и покрај предупредувањата од палестинската страда дека тоа може да предизвика насилства.
Оваа традиционална годишна поворка е најавена во време на особено висока напнатост по повеќемесечните смртоносни инциденти меѓу Палестинците и израелските безбедносни сили, како и терористички напади.
Годинешниот марш ќе се одржи во и онака силно изразената напната ситуација меѓу Израелците и Палестинците. Бранот смртоносни напади на Палестинци или израелски Арапи врз Израелци и смртта на десеттина Палестинци, вклучително и напаѓачите, милитанти и цивили, кои ги убија израелските сили, предизвикаа гнев на двете страни.
Маршот се одржува на Денот на Ерусалим, со кој Израел го одбележува заземањето на доминантно палестинскиот источен Ерусалим во ткн Шестдневна војна од 1967 година, но меѓународната заедница ја смета за окупирана територија.
Статусот на градот е во с’ржта на израелско-палестинскиот судир. Израел го прогласи целиот Ерусалим за своја „историска и неделива“ престолнина, додека Палестинците источниот дел од Светиот град го сакаат за престолнина на нивната идна држава.
Минатата година на Денот на Ерусалим избувна разорниот 11-дневвен судир меѓу Израел и палестинските милитанти во енклавата Појасот Газа, кога исламистичкото движење Хамас кој управува со секторот лансираше рекети кон јужните делови на еврејската држава откако израелската полиција и Палестинците се судрија на светите места во Стариот град.
Израелското министерство за јавна безбедност минатата седмица соопшти дека на демонстрантите ќе им биде овозможено да влезат во Стариот град низ Дамаскинската порта кога води во муслиманскиот кварт, а таквата одлука ја осудија Палестинците. Лани учесниците во маршот не смееја да ја користат оваа рута поради нестабилната ситуација.
Во поворката традиционално учествуваат илјадници млади Евреи, од кои многумина носат израелски знамиња, танцуваат и пеат патриотски песни додека минуваат низ улиците на историските населби. Палестинците тоа го сметаат за провокација.