
„Во падот на авионот Цесна, кој денеска беше пронајден кај Раковица, загинаа сите четворица патници, изјави директорот на хрватската цивилна заштита, Дамир Трут.
Авионот е пронајден на неколку стотини метри од Броќанска коса, а надлежните истакнуваат дека нема црна кутија.
– Имаше 400 трагачи и тие ја завршија задачата и го пронајдоа леталото. Веднаш штом беше забележано од воздух, беа испратени копнени сили. За жал, беше потврдено дека сите патници на Цесна загинаа и во тек е полициска истрага. Во име на сите оперативни сили изразуваме сочувство кон семејството и пријателите на жртвите“, изјави директорот на Цивилната заштита кој додаде дека ќе се повлече дел од екипите, а дел ќе остане да помогне во извлекувањето на загинатите.
Според Вечерњи лист, во исчезнатата Цесна имало швајцарски пилот и тројца патници – двајца Германци и еден Хрват, а авионот вчера околу 11:30 часот исчезнал од радарот над Раковица. Крајната дестинација бил германскиот град Лајчиген.