Пронајдени сите 22 тела од авионот кој се урна во Непал

Пронајдени се телата на сите 22 патници и членови на екипажот во авионот кој се урна во планинска област на Непал, соопштија локалните власти во вторникот.

Двајца Германци, четворица Индијци и 16 Непалци летале со авион од типот „De Havilland Canada DHC-6-300 Twin Otter“ кој се урнал 15 минути по полетувањето од туристичкиот град Похара, 125 километри западно од главниот град Катманду во неделата утрото.

Дестинацијата на авионот бил Џомсон, исто така, популарно место посетувано од туристи и аџии, 80 километри северозападно од Похара до каде авионскиот лет трае 20 минути.

„Спасувачите ги пронајдоа сите 22 тела на местото на несреќата“, изјави Део Чандра Лал Карна, портпарол на агенцијата за цивилно воздухопловство на Непал.

Непалските војници и спасувачи во понеделникот пронашле 21 тело, а последното тело го пронашле во вторникот утрото, додаде Карна. Владата формирала петчлена комисија за утврдување на причината за несреќата.