Бајден го повика Конгресот да го забрани јуришното оружје

Американскиот претседател Џо Бајден го повика во четвртокот Конгресот да го забрани јуришното оружје, да воведе проверка на податоците за сите кои го купуваат, како и други мерки контролата на оружјето за да се запре низата масовни пукања со жртви ги погодија САД.

Во говорот емитуван во живот од Белата куќа во ударниот термин, Бајден ја праша нацијата, запрепастена од неодамнешните пукања во Тексас, Оклахома и Њујорк.

„… Уште колку колежи сме подготвени да прифатиме?“, запраша Бајден.

Демократскиот претседател повика на низа мерки на коишто историски им се противеле републиканците во Конгресот, меѓу кои забраната за продажба на јуришно оружје или, доколку тоа не е возможно, подигнување на возраста за купување такво оружје од 18 на 21 година и укинување на заштитата на произведувачите од тужби за насилство извршено со нивно оружје.

„Не можеме повторно да го изневериме американскиот народ“, рече Бајден вршејќи притисок врз републиканците да се гласа за нацрт-законот со мерки за контрола на оружјето.

САД, кои имаат една од најголемите стапки на смртни случаи од огнено оружје во светот и најголема од која и да е друга богата нација, последните седмици се потресени од масовни пукања, како онаа во продавница во Њујорк, во основно училиште во Тексас о во здравствена установа во Оклахома.

Законодавците разгледуваат можност за проверка на податоците за купувачите на оружје, за да се дозволи одземање на оружјето на лица кои патат од ментални болести. Но сите нови мерки се соочени со големи препреки од републиканците, особено во Сенатот, а забраната за продажба на јуришно оружје нема доволна поддршка за да биде изгласана.

Повикувајќи се на мислењето на еден поранешен судија на Врховниот суд на САД, Бајден истакна дека правата гарантирани со Вториот амандман на уставот „не се неограничени и никогаш не биле“.

„Отсекогаш постоело ограничување за тоа какво оружје може да се поседуваат во Америка. На пример, митралезите се регулирани на федерално ниво речиси 90 години, но ова и натаму е слободна земја“, истакна Бајден.

Додаде дека повикувањето на построги закони за контрола на оружјето не значи дека „некој ќе биде лишен од своите права“.

„Се работи за заштита на децата, заштита на семејствата, заштита на цели заедници. Станува збор за заштита на нашата слобода да одиме на училиште, во самопослуга, во црква а притоа да не бидеме застрелани или убиени“, додаде американскиот претседател.

И покрај политичките притисоци, Бајден го повика Конгресот да дејствува. Заговорниците на безбедноста на оружјето бараат од претседателот да преземе построги мерки за спречување на оруженото насилство, меѓутоа Белата куќа о голема мера одговорноста ја префрли на Конгресот да донесе закони кои би требало да имаат поголем ефект.

Комитетот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во четвртокот работеше на предлог-законот со кој би требало да се заострат националните закони за оружјето, иако е малку веројатно дека тоа ќе мине во Сенатот.

Вечерното обраќање на Бајден имаше цел да ги натера законодавците да ги донесат законите, како и оваа проблематика да остане во прв план пред есенските избори на половина од мандатот, на коишто според анкетите неговите демократи ќе ги загубат и двата дома на Конгресот. Според анкетите, наводно, мнозинство избирачи и републиканци и демократи сакат построги закони за оружјето, но републиканците во Конгресот и некои умерени демократи со години ги блокираат таквите закони.