
Откако Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Владата не постигнаа договор за линеарно зголемување на платите на вчерашната средба, денеска ќе заседаваат претседателството и советот на ССМ, за да се донесе конечна одлука за отпочнување генерален штрајк – нешто што вчера го најави првиот човек на ССМ, Дарко Димовски.
По вчерашната двочасовна средба со владините претставници, Димовски изјави дека е разочаран од средбата поради тоа што не е постигнат договор за линеарно покачување на платите за 2 806 денари и најави дека денеска ќе биде донесена одлука за генерален штрајк. Додаде и дека владините претставници имале одговор за сè, но само не за нивното барање за покачување на платите.
Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за нивното барање, како што им било ветено за време на преговорите.