Отворен Балкан не е замена за ЕУ или некое друго кафе, порачаа балканските лидери од Охрид

Додека Еди Рама е задоволен што го испил првото кафе за добредојде, Вучиќ изјави дека Отворен Балкан не е замена за ЕУ, ниту некое друго кафе. Македонскиот премиер ги пречека лидерите во вилата „Билјана“ со изјавата дека Отворен Балкан го остава зад себе минатото, а ја нагласува иднината.

Македонија попладнево ги собра лидерите на „Отворен Балкан“ во Охрид, а нивните први изјави почнаа со воодушевување од кафето. Албанскиот премиер Еди Рама изрази задоволство што испил кафе за добредојде во Охрид.

„Огромно задоволство да се испие кафе во Охрид за добредојде. Задоволството го споделив заедно со премиерот Дритан Абазовиќ, кој денеска и официјално ја вклучи Црна Гора во Отворен Балкан и со амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, кој одамна е пријател на Албанија и Албанците и голем поддржувач на Отворен Балкан“, пишува Рама под заедничката фотографија со Абазаовиќ и со Хил.

Ова не е замена за ЕУ, ниту е некое друго кафе

Кафето се најде и во изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Но, ние не велиме дека тоа што го правиме ќе донесе повеќе придобивки, но сигурно ќе донесе придобивки за сите. Тоа не е замена за ЕУ, ниту пак е некое друго кафе…тоа е посебна иницијатива која овде носи соработка меѓу народите и државите – рече Вучиќ.

За себе Вучуќ рече дека тој е најгласниот поборник ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, да се залага за тоа насекаде и оти не само што нема проблем со тоа, туку напротив, смета дека тоа е страшно важно за Скопје, Тирана и за граѓаните на тие две земји.

Тој додаде дека Отворен Балкан е „извонредна иницијатива, во интерес на граѓаните, од која имаме само корист и никој не може ништо да каже против тоа“.

фото: МИА
 И Приштина е добредојдена

Претседателот на Србија изјави дека сите се добредојдени во иницијативата „Отворен Балкан“, вклучително и Приштина.

– Мислам дека сме доволно зрели и да зборуваме сами. Колку повеќе сами зборуваме, толку подобри ќе бидат односите. Кога првпат се сретнав со премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше многу тензии меѓу нас. Седумдесет години нашите лидери не се сретнале. После тоа, токму затоа што ја разбравме потребата да разговараме на секое место, можевме да разговараме без посредник и денес нашите односи се добри – изјави Вучиќ.

Лидерите од Западен Балкан попладнево во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

– Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека Отворен Балкан го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, Отворен Балкан гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества – истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.

Меѓу присутните на средбата се и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој доби многу критики во неговата земја за учеството, како и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Утрешниот ден се очекува да биде исполнет со потпишување важни меморандуми помеѓу земјите. Како една од многуте најавени точки е меѓусебното усогласување на ветеринарните сертификати, денес потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Фото: МИА