
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како дел од својата програма со активности за време на Преспа форумот за дијалог, во четвртокот се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакнуваат од Владата.
!На средбата, на која присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, стана збор за геополитичките предизвици што ги донесе руската агресија на Украина, поради што забрзувањето на интеграцијата на западен Балкан во Европската унија стана врвно прашање од највисок приоритет, вклучително со зајакнување на отпорноста на регионот од влијанијата на трети страни“, се наведува во соопштението за јавноста од владината служба.
Ковачевски на средбата со Мишел, истакнал дека Македонија целосно ги исполнила условите за почеток на преговорите и врз основа на што е донесена и препораката за безусловен почеток за отворање на поглавјата во март 2020 година.
Ковачевски и Мишел на средбата разговарале и за учеството на земјата во повеќе регионални проекти поддржани од ЕУ, особено во делот на соработката во енергетиката, како што е интерконекторот за гас со Грција, гасната централа во Александропулос и гасното поврзување со Србија и Косово, кои се поддржани од средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ.
Соговорниците разговарале и за придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“ за воспоставување на заеднички и поврзан регионален пазар врз основа на четирите слободи на ЕУ за непречен проток на луѓе, капитал, стоки и услуги, како значајни чекори за имплементација на стандардите на ЕУ.
„Во однос на воената агресија на Русија во Украина, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО, целосно ја усогласи својата политики со Алијансата и со ЕУ, ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави, земји членки на ЕУ“, велат од владата.