
Европската Комисија предлага на Украина да ѝ биде доделен статус на кандидат за членство во Европската Унија.
Претседателката Урсула фон дер Лајен изјави дека Комисијата предлага „на Украина да ѝ се даде кандидатски статус. Ова, секако, подразбира дека земјата ќе спроведе бројни дополнителни реформи“.
– Од гледна точка на Комисијата, Украина јасно ги покажа аспирацијата и решеноста да ги исполни европските стандарди – додаде Фон дер Лајен.
ЕК предлага статус кандидат за во ЕУ и за Молдавија. ЕК даде свое мислење, а земјите членки треба да донесат едногласна одлука. Апликациите на Украина, Грузија и Молдавија за членство во ЕУ, врз основа на мислењето на Комисијата, ќе бидат разгледани на следниот Европски совет на 23 и 24 јуни.
Некои земји од ЕУ, вклучувајќи ги Холандија и Данска, се противат повеќе земји да добијат статус на кандидати за членство, но барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски доби поддршка од Франција, Германија, Италија и Романија, чии лидери го посетија Киев.
Украина аплицираше за членство откако Русија ја започна окупацијата врз земјата кон крајот на февруари. Потоа следуваа и барања за членство од Молдавија и од Грузија.