Мицкоски: Македонија даде многу, а за возрат не доби датум!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на големиот протест на кој беа присутни околу 80.000 граѓани, порача дека инфлацијата е последица на криминалот и неспособноста на владата да се справи со ценовните шокови.

„Македонија во овој момент е рекордер во Европа по три работи: првата е криминалот, втората, државата е со насјлаб раст на економијата во Европа, и третата земјава има најголема стапка на инфлација. Можеби кризата е увезена, но автентична е неспособноста на кадарот на СДСМ.

Најголемиот проблем е инфлацијата која го јаде сечиј домашен буџет. И секое минимално покачување на плата со кое се фали Владата, се одзема преку само едно покачување на цените на бензините, не споменувајќи ги покачувањата на сите останати производи.

Кога велам дека е состојбата неподнослива, тоа е така и затоа што цели пет години чекаме датум за преговори со Европската Унија кој никако да дојде.

Заглавени сме во чекалницата за ЕУ и отповарени со безброј попуштања, одрекувања и понижувања. И ќе бидам искрен дека за ова освен тоа што е заслужна неспособната и криминална влада, одговорноста која ја носи е поради и тактизирањето на дел од Унијата која мора да се вложи уште повеќе во исполнувањето на нашите европски аспирации и сето тоа да иде на принципи на почитување и наше вреднување.

Овој народ и Македонија даде многу, а за возрат не доби датум!“, посочи Мицкоски.

Тој, за францускиот предлог за деблокада на Македонија и почеток на преговори, кажа дека претставува нокаут врз македонската дипломатија.

„Тој е ништо друго освен капитулација без одлагање. Што би се рекло бугаризација на Македонија на рати. Или владата на Ковачевски да ја асимилира Македонија во Бугарија, или нема да станеме членки на Унијата.

Што се однесува до Бугарија, сакам јасно да посочам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. А ако Владата реши да го носи надвор од Собранието ние таквиот договор нема да го почитуваме и нема да ми падне на памет да прифатам понижување. Бугарија треба да престане со својата шовинистичка политика кон Македонија, а Европската Унија не треба да толерира отворена асимилација кон државава“, рече Мицкоски.