Зеленски: Русија веројатно ќе ги интензивира нападите додека Украина ја чека одлуката на ЕУ

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во вообичаеното доцновечерно обраќање во неделата изјави дека очекува дека Русија ќе ги интензивира нападите врз неговата земјата додека Киев оваа седмица ја очекува одлуката на Европската унија за доделување на статусот земја кандидат за членство на Украина.

„Очигледно дека оваа седмица од Русија треба да се очекуваат интензивирање на непријателските активности. И не само против Украина, туку и против други европски земји. Ние се подготвуваме. Подготвени сме“, рече во видео-обраќањето Зеленски без да наведе за кои европски земји станува збор и да понуди докази.

Во четврток и петок се одржува редовниот самит на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската унија, меѓу другото и за мислењето што Европската комисија за барањето на трите земји: Украина, Молдавија и Грузија, кои имаат нерешени територијални и етнички проблеми со Русија по распадот на СССР, за членство во ЕУ.

Русија, како и пред превратот во Киев во 2014 година, повеќепати изјавуваше дека не се противи Украина да влезе во ЕУ, како што тоа беше и со нејзините скандинавски и балтички сосетки, а тоа во петокот го повтори и рускиот претседател Владимир Путин.

„ЕУ не е воена организација или воено-политички блок, за разлика од НАТО. Секогаш сме зборувале и секогаш ќе кажам дека нашиот став е многу јасен по ова прашање. Немаме ништо против влезот на Украина. Никогаш не сме биле против ова (влезот на Украина во ЕУ). Отсекогаш сме биле против воениот развој на украинската територија, бидејќи тоа ја загрозува нашата безбедност. На тоа се спротивставивме. Но, кога станува збор за економската интеграција – за волја на Бога, тоа е нивен избор“, рече Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург

Истовремено, нагласи тој, целисходноста на пристапувањето на Украина во Европската унија ќе ја определи и ЕУ.

„Тоа е суверена одлука на која било земја – да се приклучува или да не се приклучува на економските здруженија, а работата на ова или она економско здружение е да прими нови членови или не. Дозволете им на земјите од ЕУ да одлучат колку тоа е можно и изводливо. „Дали тоа ќе биде од корист или штета за Украина е целосно нивна работа, работа на украинскиот народ и на украинското раководство денес“, заклучи Путин.

Доколку Украина и Молдавија добијат кандидатски статус, тоа ќе претставува пресврт без преседан во политиките на пристапување на ЕУ, бидејќи поради големите проблеми со владеењето на правото, криминалот и ендемската корупција двете земји не беа ниту блиску таквиот статус. Но од почетокот на војната во Украина, двете земји, преку заеднички декларации за руската агресија се обидуваат да добијат макар и нејасна формулација којашто би зборувала за евентуална нивна перспектива во ЕУ, што би ги зајакнало тамошните политички елити.