
Демонстранти против климатските промени денеска почнаа со протести во Сиднеј, принудувајќи ја полицијата да ги затвори главните улици во центарот на градот.
Уапсени се 11 лица, меѓу кои и една жена која, според полицијата, на вратот си ставила синџир со катанец за велосипед и се врзала за воланот на возилото, блокирајќи го сообраќајот. Возилото во меѓувреме е отстрането.
Активисти од организацијата Блокада на Австралија се движеа по главните сообраќајници, што предизвика хаос. На телевизиските снимки се гледа како луѓето фрлаат корпи за отпадоци и поставуваат градежни барикади.
Демонстрантите, тропајќи на тапани и извикувајќи „Овде завршува австралиското климатско уништување“, носеа транспаренти со пораки „Блокирај го Сиднеј“ и „Спротивстави се на климатската неактивност“.
Организацијата Блокада на Австралија објави дека протестот е одговор на „континуираното блокирање на климатските акции во Австралија“.
Протестите ќе продолжат цела недела, објавија организаторите на Твитер.