Адеми не мисли дека е виновен за вчерашното дивеење во Собранието

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми денеска изрази жалење за вчерашниот инцидент во Собранието, но рече дека не чувствува лична вина за насилството врз колегите пратеници. Тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека во Собранието не треба да се повторуваат вакви немили сцени и целата вина за инцидентот ја насочи кон Антонио Милошоски и опозициските пратеници.

Според Адеми, тој бил на работното место како претседавач на комисијата, а Милошоски и другите опозициски пратеници го исклучиле тонот на микрофонот и како што вели, го загрозиле неговото присуство на работното место.

Адеми директно го обвини Милошоски дека под дејство на влијанија од странски служби ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Иако неколу пати беше прашан, Адеми не најде вина кај себе за вчерашниот инцидент.