
Украинските војски во вторникот претпладнето го ракетирале Перевалск во отцепената доминантно рускиот и рускојазичен источен регион Луганск со новопристигнатите американски ракетни системи за повеќекратно лансирање М142 HIMARS, објави Заедничкиот центар за контрола и координација на прекинот на огнот, според мировниот договор од Минск од 2015 година.
„Од страна на вооружените формации на Украина регистрирано е гранатирање во 7,20 часот од правец на селото Артемовск *Бахмут) кон Перевалск со примена на М142 HIMARS (една ракета)“, се наведува во објавата на Telegram.
Како што изјавил за агенцијата РИА потполковникот на проруските сепаратисти од Луганск, Андреј Марочко, станува збор за прво користење на овие американски системи за ракетирање цели на регионот. Нема извештаи за настрадани или за предизвиканата штета.
Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.
Според рускиот претседател Владимир Путин, испораките на такво вооружување на Украина во суштина не менуваат ништо на теренот, бидејќи тие само го компензираат досега уништеното украинско оружје. Но истовремено Путин предупреди дека Москва „ќе мора да извлече соодветни заклучоци“ од американското снабдување на Украина со ракетни систем со долг дострел. Москва, исто така, предупреди дека во тој случај руските сили ќе имаат цели во Украина кои досега не биле напаѓани.
Русија, покрај тоа, уште на почетокот од војната испрати дипломатски ноти до сите земји кои испорачуваат оружје на Украина, предупредувајќи ги дека секој конвој со вооружување станува легитимна цел на руските војски.