
Руските сили се повлекоа од Змискиот остров крај украинскиот брег на Црното Море како знак на добра волја, соопшти во четвртокот руското министерство за одбрана/
„Така, на светската заедница ѝ е докажано дека Руската Федерација не ги попречува напорите на Обединетите нации за организирање хуманитарен коридор за извозот на земјоделски производи од територијата на Украина“, објави руското министерство за одбрана.
Змискиот остров, кој Русија го зазема првиот ден од својата воена инвазија во Украина, стана познат и ја одбележа оваа војна полна со лажни вести, откако западните медиуми објавија дека украинските граничари одбиле да се предадат или загинале, а руските медиуми истовремено објавија кадри како десетиците украински војници се предаваат.
Во четвртокот од Москва истакнуваат и дека повлекувањето на руските војници ќе му ја одземе можноста на Киев да шпекулира за проблемот со прехранбената криза, „криејќи се зад наводната неможност за извоз на житарките поради контролата на руските војски“.
Руското министерство за одбрана додаде дека во моментов, за да продолжат испораките на земјоделските производи, украинската страна мора да го исчисти од мините крајбрежјето на Црното Море, од нејзините брегови, вклучително и од акваториумите на црноморските пристаништа.
Во ОН повеќепати истакнуваа дека се заканува прехранбена криза главно поради неможноста поради војната украинските и руските прехранбени производи да бидат извезени на светските пазари. Западот ја обвини Русија дека го попречува извозот на украински житарки, а Москва ги отфрла обвинувањата и за тоа ги криви манипулациите на Киев, минирањето на црноморските пристаништа и го повика Западот по рутите кои во Украина постојано испорачува големи контингенти оружја да ги преземе и украинските земјоделски производи
Рускиот претседател Владимир Путин во средата повтори дека Русија не го попречува извозот на житото од Украина, и доколку Киев ги разминира пристаништата, бродовите ќе можат да испловат без никакви проблеми.
Русија изјави во средата дека е подготвена да соработува со Обединетите нации за да не дојде до глобална прехранбена криза, и оти има добра волја да ги исполни своите обврски во извозот на храна и на ѓубрива.
Ветувањето на руската соработка уште еднаш ја дал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во разговорот со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти руската дипломатија.
Војната во Украина ја влоши глобалната прехранбена криза поради кои драстично скокнаа цените на житарките, маслата за јадење, горивата и арските ѓубрива. Русија и Украина осигуруваат речиси третина од глобалното снабдување со пченици, додека Русија е клучниот светски извозник на ѓубрива, а Украина на пченка и сончогледово масло. Од почетокот на војната, извозот на украинските житарки од пристаништата од Црното Море е запрен за милиони тони житарки кои остануваат во силосите.