
Прес-службата на Владата информира дека вечерва со почеток во 20:15 часот ќе се одржи 57-та седница на Владата на Република Северна Македонија.
-По одржувањето на седницата Владата ќе ја информира јавноста, стои во објавата.
Иако не е наведено за што ќе расправаат министрите, се поизвесно е дека е свикана владина седница на која ќе се презентира францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, кој денеска пристигна на „Илинденска“.
Во исто време, од владината прес-служба најавија и прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски, која според најавата, треба да се одржи во 20 часот и 30 минути, само 15 минути по закажаниот почеток на владината седница.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави од Мадрид дека е убеден оти е најден компромисен договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој е прифатлив за двете страни.
– Во однос на пристапувањето на Северна Македонија, ги продолживме консултациите со македонските и бугарските власти бидејќи нашата определба за европската перспектива на Западен Балкан е дека можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, убеден сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сечиј сензибилитет, во интерес на Бугарија и Северна Македонија, прифатливо за сите, изјави Макрон.