
Најголемата партија во бугарскиот парламент Продолжуваме со промените почнува во саботата со коалициските преговори за формирање мнозинство за поддршка за нова влада.
Целта на Продолжуваме со промените е да собере 121 парламентарец за поддршка на програмата за управување во следните шест месеци и водење на Бугарија низ економската и политичката криза.
Денеска во Народното собрание на Бугарија, Продолжуваме со промените ќе има консултации со Бугарската социјалистичка партија и со Демократска Бугарија.
Продолжуваме со промените има рок до петок, 8-ми јули во 17 часот, да го информира претседателот Румен Радев, дали има парламентарна поддршка и мнозинство да управува во Народното собрание.
Министерот за иновации и развој Даниел Лорер за БНТ изјави дека е оптимист за формирање нова бугарска влада во рамките на 47-то Народно собрание. Рече дека Кирил Петков ќе продолжи да биде активен дел од власта, но засега никој не размислува за места и позиции, туку за парламентарна поддршка.