Ковачевски по средбата со Мицкоски: Потребни ни се студена глава и државничко однесување

По средбата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Димитар Ковачевски  порача дека нема никакви фусноти и ѕвездички за македонскиот јазик во ткн „француски предлог“ и одлуката дали да се прифати тој или не треба да се носи со „студена глава и со државничко однесување“.

„Сакам да сум кристално јасен: македонскиот јазик е чист во Преговарачката рамка и еднаков со другите јазици на ЕУ, без фусноти и ѕвездички“, рече Ковачевски по средбата во неделата во Клубот на пратениците.

Лидерот на владејачката СДСМ не одговори конкретно н апрашањето дали ги отфрла или прифаќа предлозите на Мицкоски кој побара Ковачевски да го отфрли францускиот предлог во замена за статус-кво со барањето за предвремени избори, како и претседателот на Владата да издејствуваат бришење на обврската за внесување на Бугарите во Уставот и сз она што асоцира на Историската комисија и билатералниот протокол со Бугарија.

„Во однос на тезите кои беа поставени, тие не задираат во третманот на македонскиот јазик ниту идентитетот. Тоа е мултилатерален документ кој е усогласен. Во однос на уставните измени, сите партии имаа свои изјави во изминатиот период, други ги менуваат. Нашиот Устав предвидува дека граѓани кои се самоопределуваат на друг начин можат да се дел од Уставот. Сметам дека сите пратеници треба да го прифатат менувањето на Уставот“, рече Ковачевски.

Според него, дел од коалиционите партнери веќе искажале позитивно мислење, а дел уште размислува за францускиот предлог.

„Сетам дека сите политички партии сериозно пристапуваат кон ова прашање и дека ќе донесат вистинска одлука. Тоа е одговорност“, рече Ковачевски според кого Владата се „држи до државните интереси, го штити идентитетот и не е направено ништо без да се почитуваат црвените линии“.

„Сите сме свесни за чуствителоста за ова прашање. Лесно е да отфрлиме, но потребно е рационално размислување . Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е стратешко прашање“, истакна Ковачевски.

Нагласи дека предлогот не претставува „бугаризација на државата“, како што тоа според него  го претставува опозицијата.

„Македонскиот народ никој досега не успеал да го асимилира, ниту ќе го асимилира. Горди сме на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти – така било, така е, и така ќе биде“, заклучи Ковачевски