
Европската инвестициска банка (ЕИБ), кредитниот огранок на Европската унија, предлага финансиската структура која претходно се користеше за помош за време на пандемијата Ковид-19, да биде моделот за финансирање на обновата на Украина во износ до 100 милијарди евра (104,3 милијарди долари), објави Ројтерс.
Според предлогот, почетните 20 милијарди евра за трустот ЕУ-Украина (E-U GTF) ќе бидат обезбедени од придонеси од земјите на ЕУ и од буџетот на Унијата во форма на грантови, заеми и гаранции. Гаранциите би имале мултипликативен ефект, покривајќи инфраструктурни проекти со вкупна вредност од околу 100 милијарди евра, што е приближно половина од потребите на Украина, се наведува во документот.
Предлогот на ЕИБ треба да биде претставен денеска, на првиот ден од Меѓународната конференција за закрепнување на Украина во Швајцарија, чија цел е да обезбеди ресурси за земјата и да помогне за нејзиното повоено закрепнување.
ЕИБ предлага фонд кој би функционирал на сличен начин како што се користеше за време на пандемијата на ковид, за кредитни гаранции на малите и средни претпријатија, со што беа предвидени гаранции од 25 милијарди евра кои ќе овозможат мобилизација на дури 200 милијарди евра.
Средствата од трустот E-U GTF би можеле да придонесат за обнова на мостови или обнова на водоводните или канализациските мрежи, особено во градовите чие население се зголемило поради миграцијата од другите делови на Украина по руската инвазија на земјата на 24 февруари.
Проектите би можеле да се фокусираат и на олеснување на извозот на Украина или на нејзината енергетска и дигитална инфраструктура. ЕИБ или развојните банки како KfW или DFC би можеле да го користат фондот или неговите гаранции за инвестиции под нивна контрола.
Фондот е дизајниран и да ги охрабри приватните компании на кои може да им се чини дека инвестирањето во Украина е премногу ризично. За да биде прифатен овој предлог на ЕИБ, прво треба да даде согласност од Европската комисија, а потоа планот да биде одобрен од мнозинството земји од ЕУ. Членките на ЕУ последователно ќе одлучат дали и во колкава сума ќе придонесат во фондот.