
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ќе изнесе подоцна во понеделникот „сеопфатен долгорочен план“ за помош во обновата на Украина, некогаш кога ќе заврши војната со Русија.
На конференцијата за обновата на Украина во швајцарски Лугано, Трас ќе ги изложи британските проекти за краткорочна поддршка на Украина со испраќање хуманитарна помош, но и долгорочна за украинската економија да заживее со помош на „британското знаење на финансиското и економското поле“, се истакнува во објавата на британското министерство за надворешни работи.
Лондон, во прв ред, ќе помага во обновувањето на украинската престолнина Киев и околината, како одговор на барањето на претседателот Владимир Зеленски, истакнуваат од британскиот Форин офис.
Велика Британија, покрај тоа, планира следната 2023 година да организира конференција за обнова на Украина и да отвори канцеларија во Лондон за да ја координира таа активност.
„Закрепнувањето на Украина по руската агресија ќе биде знак на моќта која демократијата ја има над автократијата. Тоа ќе му покаже на (рускиот претседател Владимир) Путин дека неговите обиди за уништување на Украина само довеле до посилна, поразвиена и поединствена земја. Водевме во пружањето помош на Украина во текот на војната и во иднина ќе бидеме на челото кога станува збор за поддршката на планот на украинската влада за обнова и развој“, рекла Трас пред конференцијата во Лугано.
Минатата среда британската влада објави дека ќе издвои 1,16 милијарди евра дополнителна воена помош за Украина за да одговори на руската офанзива, која ќе опфаќа системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала. Со тоа издвојување вредноста на британската воена помош за Киев достигнува на 2,3 милијарди фунти, тврдат во Лондон.