
Иранската Револуционерна гарда уапсила странски дипломати, меѓу кои и еден Британец, обвинети за шпионажа, објавија во средата новинската агенција Fars и државната телевизија.
„Разузнавачката служба на Револуционерната гарда идентификуваше и уапси дипломати од странски амбасади кои шпионирале во Иран“, објави новинската агенција Fars.
Агенцијата наведува дека едниот од нив, британски државјанин, потоа бил „протеран од земјата“. Од друга страна, пак, државната телевизија која го идентификува британскиот дипломат како Џоч Витакер, наведе дека откако се извинил е протеран од „областа каде дипломатите се уапсени“ во централен Иран.
Државјанствата на другите уапсени дипломати, вкупниот број на приведените и датумот на нивното апсење засега не се соопштуваат.
Телевизијата го обвини британскиот дипломат дека „спроведувал разузнавачки операции“ во областите каде што се одвивале воени вежби. Според телевизијата, дипломатот со своето семејство во пустината Шадад отишол како турист.