9.8 C
Skopje
сабота, март 1, 2025

(ФОТО) Седми ден масовен протест против францускиот предлог во Скопје

Граѓани со развиорени македонски знамиња и со маички на кои е напишано „НЕ“, како и „Навиваме за Македонија“, се дел од учесниците на протестот против францускиот предлог што вечерва почна пред Владата.

На булеварот „Илинден“ се уште стои паролата „Но пасаран“ испишана со црвени букви, а група млади луѓе со тапани го скандираат името „Македонија“. Може да се забележат и транспаренти „Сепак ние ќе победиме“ и „Стоп за бугаризација“, но главниот и најголем е „Со фашисти не преговараме“.

Протестот против францускиот предлог, под мотото „Ултиматум – НЕ благодарам“, се одржува седми ден. Учесниците од Владата ќе се упатат кон Министерство за правда каде се очекува да ги искажат своите пораки, а потоа ќе продолжат пред Собранието.

Вчера, поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам протест не се одржа, а не се организираше ниту во петокот кога незадоволството беше изразено преку блокади во Скопје, на булеварот пред Владата, како и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.

Протестите продолжуваат и во следните денови.