И шефицата на британската дипломатија Трас ќе се кандидира

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја објави во неделата ноќта својата кандидатура за наследничка на премиерот Борис Џонсон кој минатата седмица ја поднесе својата оставка на чело на владејачката Конзервативна партија, под притисокот на бројните скандали и оставки на најблиските соработници кои го критикуваат неговото водство на земјата.

„Ќе се борам на овие избори како конзервативец и ќе владеам како конзервативец“, изјави 46-годишната Лиз Трас за весникот The Daily Telegraph.

Со објавата на кандидатурата Трас се придружува на деветте досегашни кандидати коишто ги очекува партиската конвенција на ториевците на која веројатно есенва ќе биде избран новиот партиски челник и воедно британски премиер.

Од Трас, една од водечките функционери во Даунинг стрит 10, се очекува дека ќе биде и фаворите кандидат во трката во којашто уште отсега владее голем метеж.

Објавувајќи ја кандидатурата, Трас најави дека „од првиот ден ќе започне да ги кастри даноците“ за да помогне во соочувањето со растот на животните трошоци и инфлацијата, како и заканувачката рецесија на британската економија.

Со својата кандидатура, шефицата на дипломатијата им се придружи на министерката за трговија Пени Мордонт, поранешните министри за здравство Саџид Џавид и Џереми Хант, поранешниот министер за финансии Риши Сунак, неговиот наследник на позицијата Надим Захави, и на министерот за сообраќај Грент Шепс. Најави за кандидатури поднесоа и поранешната министерка за локална самоуправа Кеми (Олукеми Олуфунто) Баденок и пратеникот Том Тугендхат.

Лиз Трас важи за миленичка на Конзервативната парија и редовно беше меѓу најпопуларните политичари на партијата според анкетите кои ги објавуваше мрежната страница Conservative Home.

Трас првично се противеше на британското напуштање на Европската унија, но на референдумот во јуни 2016 година изјави дека се премислила. Сега е задолжена за односите со ЕУ околу трговските прописи за Северна Ирска по брегзитот и зазема сѐ поостар став во преговорите.

Минатиот вторник Трас изјави дека Џонсон ја има нејзината „стопроцентна поддршка“ и ги повика сопартијците и колегите во владата да го поддржат. Во четвртокот Џонсон попушти пред сѐ поголемиот притисок, а Трас коментираше дека премиерот со своето повлекување „донел исправна одлука“.