Координација во Собранието за францускиот предлог, вечерва одновно протест

На редовната координација во Собранието денеска ќе се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европска унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30-ти јуни 2022 година.

Во меѓувреме, продолжуваат протестите против францускиот предлог, кои се поддржани од опозициските парламентарни партии ВМРО-ДПМНЕ и од Левица. Протестен марш се одржа синоќа од Владата преку Министерството за правда до Собранието, а протест е најавен и за денес

Неодамна собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека за тоа ќе се разговара на редовната координација на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот“, рече Џафери.

Како што појасни, доколку има потреба седницата може да биде прекината и да се закаже нова на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата.

Пратениците од опозицијата побараа од претседателот на Собранието да ги врати материјалите назад во Владата со забелешка дека е испратена само Информација, без ниту еден документ.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во неделата вечерта во дневникот на телевизија Сител најави дека опозициските пратеници ќе бидат присутни во Собранието бидејќи почнува дебата за ребалансот на Буџетот и дека ќе направат„ сѐ што треба за да го претстават мислењето на граѓаните“ за францускиот предлог.

Од СДСМ, пак, сметаат дека одговорноста е на законодавниот дом да донесе натамошни заклучоци, согласно собраниските процедури. Претседателот на Собранието со став дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.

.