Руските сили уништиле складишта со проектили за западни ракетни системи во источна Украина

Руските војски извеле напади со наведувани ракети „Калибр“ уништиле магацин со муниција за американските повеќекратни ракетни системи HIMARS и самоодните хаубици „М777“ во областа Дњепропетровск, во централниот дел на Украина, објави во понеделникот руското министерство за одбрана и додава дека во нападите изминатото деноноќие се убиени повеќе од 500 украински борци.

„Високопрецизните ракети со долг дострел ‘Калибр’ истрелани од море, во близина на селото Радушное, во регионот на Дњпроперовск, уништија складиште за муниција за повеќекратните ракетни системи HIMARS испорачани во Украина од САД, хаубиците ‘М777’, како и самоодните артилериски возила 2С7 ‘Пион’“, го пренесуваат медиумите редовниот дневен брифинг во руското министерство за одбрана.

Во саботата во Вашингтон објавија дека новиот пакет воена помош за Украина во износ од 400 милиони долари ќе опфати дополнителни системи HIMARS и прецизни проектили кои треба да ја подобрат способноста на Киев да ги гаѓа складиштата за оружја и логистичките синџири на руските трупи. Планираната пратка од САД вклучува и 1.000 проектили од 155 милиметри за артилериско оружје коешто на Украина ѝ го испорачуваат земјите од Западот. Според американски извори, тие гранати биле „поделотворни“, бидејќи биле попрецизни и имале поголем опсег на дејствување. Нема потврда дали станува збор за наведуваните проектили „Excalibur“ од американско производство, кои можат да прелетаат до 40 километри пред прецизно да ја погодат целта, а Украина веќе ги добиваше од Канада.

Покрај споменатата операција, во понеделникот во Москва тврделе и дека руските пилоти го уништиле командниот пункт на 58-та моторизирана пешадиска бригада на украинската војска во близна на Артемовск, едно од местата кои украинските сили сѐ уште го имаат под контрола на територијата на одметнатата поруруска област Доњецк на украинскиот исток.

Во истата област, според руската војска, биле уништени десетина позиции на украинските сили, меѓу кои и паравоената формација „Ајдар“ која за Москва е составена од ултранационалисти во околината Харков, како и складиште за оружје и муниција, во коешто според руското разузнавање биле складирани повеќе од 200 тони противтенковски ракетни системи од странско производство и муниција за нив.

„Во прецизните удари на руските воздушни сили врз позициите на националистичките баталјони и странски платеници во Ословјанск и Слободско во регионот на Харков, уништени се околу 250 милитанти и до 25 оклопни возила и други борбени возила“, се вели во објавата на Москва.

Покрај тоа, во операции на руските единици во регионот Доњецк во близината на местото Часов Јар била нападната привремената позиција на 118-та бригадата на територијалната одбрана на украинските вооружени сили, при што биле убиени повеќе до 300 украински борци.

Руската војска дејствувала во изминатите 24 часа врз 27 командни пунктови на украинските сили, 53 позиции на украинската артилерија, 156 локации на концентрација на жива сила, а во воздушна битка руски авион „Су-35С“ соборил украински „Су-25“.

Во истиот период руската противвоздушна одбрана во Доњецк пресретнала 12 проектили истрелани од позициите на украинските сили. Покрај тоа, руското министерство за одбрана ја изнесува процената, дека украинските единици претрпуваат „значителни загуби“ по целата линија на фронтот, а како пример се наведува 25-та воздухопловна бригада на украинската војска којашто наводно загубила повеќе од 70 отсто од нејзиниот персонален состав.